Јавни перцепции, главни играчи и теории на заговор поврзани со КОВИД-19 во Северна Македонија

 

Автор: Илија Џугуманов

Генерален секретар на Евро-Атлантскиот совет на Северна Македонија и претседател на YATA Северна Македонија. Двапати е избран за потпретседател за јавна дипломатија и комуникација на Здружението за млади атлантски договор (ЈАТА Интернешнл), Брисел, Белгија.

2020 година, како година главно беше поврзана со случувањата од пандемијата со КОВИД – 19. Неизвесноста и глобалното влијание што го наметна КОВИД-19, ги оставија настрана повеќето тековни планови, реформи и проблеми што ги имаа земјите, а многу веројатно е оваа ситуација да продолжи и во 2021 година.

Оваа несигурност ги стави на тест, не само развиените западни демократски општества и организации, туку и либералната демократија како систем. Кога станува збор за веќе кревките демократии од балканскиот регион, КОВИД-19 само долеа масло на огнот и уште повеќе ја искомплицира поделеноста во секоја од земјите на Западен Балкан. Перцепциите на јавноста за главните играчи, прашањата и заканите во македонскиот јавен простор се поделени. Многу истражувања, кои многу точно ја отсликуваат реалноста, ја одразуваат високата поларизација на Македонскиот политички простор, каде главните политички играчи/субјекти се далеку едни од други, немаат конструктивен дијалог и консензус за главните предизвици и закани во општеството.

На друштвените мрежи, политичките партии и нивните поддржувачи се организирани во затворени и внатрешно меѓусебно поврзани групи, каде страниците/профилите комуницираат внатре во групите, меѓутоа не комуницираат опсежно со страници надвор од нивните групи/заедници. Оваа поларизација и зголемената партиска политичка поделба во македонското општество веќе се рефлектираше на неможноста на најголемите политички партии да имаат консензус за главните политички прашања и предизвици. Ова дополнително го подели јавното мислење и довербата на јавноста во институциите, што остава отворено поле за полесно систематско ширење лажни вести и теории на заговор.

Иако, да се зборува за афинитети (кон Запад или кон Исток) е доста сложено, сите индикатори покажуваат дека македонската јавност има голем апетит за понатамошни аспирации кон Западот. Мнозинството од населението го поврзува Западот со економски просперитет.

Што се однесува до ставовите и перцепциите на јавноста, анкетите на јавното мислење покажуваат дека голем процент на македонската јавност е ориентирана кон западот (поддршка на западните земји и институции – ЕУ и НАТО). Анкетите на јавното мислење, што се фокусираат на мерење на ставовите на населението, кои се спроведени во повеќе наврати и опфаќаат бројни аспекти во насока на интеграцијата, секогаш се главно позитивни. Сите овие истражувања покажуваат значителен про-ЕУ, про-НАТО, про-западен сентимент на македонските граѓани. Овие студии покажуваат дека Македонските граѓани, со одредени осцилации низ годините, позитивно го перцепираат членство на Северна Македонија во НАТО и Европската унија.

Од друга страна, иако поддршката за Русија кај македонските граѓани е далеку пониска од онаа во соседна Србија или Црна Гора, повторно руското влијание во Северна Македонија не може да се занемари, бидејќи секогаш доаѓа периодично, во бранови, преку многу поединци и различни групи во општеството.  Немајќи јасна стратегија за Македонија, во минатото, интензитетот на влијанието на Русија стануваше повисок кога имаше предизвици пред патот на земјата кон Западот.

Интензитетот обично се креираше од помали групи поврзани со изолирани случаи / прашања на кои беа додадени други дневно/политички наративи, комбинирани со емоции, историски и / или етнички прашања; споделени преку различни канали и извори. Во последниов период, особено кога членството во НАТО беше многу блиску, беа создадени многу наративи и дезинформации од внатрешни и надворешни актери. Особено за време на промената на претходната влада, референдумот за името на земјата, договорот од Преспа, пандемијата на КОВИД-19 итн.

Во таа насока, релативно голем дел од Македонците (28%) сметаат дека Русија подобро се справила со пандемијата. Ова е главно резултат на непропорционалното известување на медиумите, кое првенствено беше насочено кон западните земји и нивните напори за справување со кризата со „Ковид 19“. Во тој контекст, повеќето негативни информации за смрттниот биланс и севкупните тешкотии во справувањето со кризата беа главно насочени кон земји како што се Италија, Шпанија, Франција, Велика Британија и САД.

Државно контролираните информации и дезинформации кои произлегуваа од Русија а беа поврзани со Ковид-19, придонесоа за создавање на перцепција дека Русија поефикасно се справува со пандемијата. Покрај тоа, се креираа и доста информации кои се  ширеа на веб-страниците како дезинформации кои резултираа со широка распространетост на платформите на социјалните медиуми (особено Фејсбук) посочувајки дека Русија измислила вакцина против Ковид 19, додека напорите на западните земји беа помалку видливи и помалку доминантни во јавниот простор. Покрај тоа, Руската и Кинеската помош за Балканот, особено во Србија, беа многу помпезно промовирани во медиумите, со што се создаде диспропорционален ефект врз градењето на целокупната перцепција кај населението.

Секако сето ова не може да се посочи како недостаток на проевропска ориентација во Северна Македонија, туку кон дезинформативните наративи и теориите на заговор што во голема мерка се присутни на платформите на душтвените мрежи. Тука треба да се земе во предвид и неизбалансираното известување на медиумите, кое претежно се базираше за негативниот биланс од западни извори во врска со бројот на починати (информациите од западните земји беа подостапни, од оние во руските медиуми).

Дури и претседателот на земјата, Н.Е г. Пендаровски, неодамна за DW потврди дека имало обиди од „странски субјекти“ за систематско ширење лажни вести во земјата, претежно користејќи ја ситуацијата со КОВИД-19пандемијата. Домашните експерти потврдуваат дека има стотици портали и мрежи кои споделуваат проблематична и конспиративна содржина, но исто така и дека тие самите се проблематични по својата природа (немаат јасна структура, недостаток на уреднички стандарди и сл.). Дополнително на ова, ако се има во предвид влијанието на илјадниците профили и страници што ги следат и ја споделуваат нивната содржина, се формира една доста комплексна слика за пошироката јавност. 

Оваа статија е поддржана од страна на Фондацијата Метаморфозис и Techsoup. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Фондацијата Метаморфозис и Techsoup и C3I.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *