АктуелноВо медиумитеПубликации

Случајот на Телеграм „Јавна соба“, предизвици и решенија

Автор:  м-р Моника Качурова

Магистер по телекомуникации, работи во областа на сајбер безбедност, компјутерски мрежи, телекомуникации, радио опрема и систем администрација, а воедно и член на C3I.

„Не знаев што се случува и од каде доаѓа тоа. Се додека наредниот ден не добив скриншот од мојата слика, зашто таа слика не само што беше објавена во „Јавна соба“, туку е препраќана и на други места. Не знаев што да правам, испаничив, се преплашив, никогаш не сум доживеала такво нешто.“

Ова е само една приказна од многуте кои поради развојот на интернетот, информатичката технологија и појавата на социјалните медиуми, покажува како и колку малолетните лица и жените се подложни на вознемирување во сајбер просторот. Ваквата појава кога овие лица се понижени, засрамени или на било кој начин таргетирани од друга личност, со употребата на Интернет, интерактивните дигитални технологии и мобилните телефони, е познато како „Сајбер малтретирање“.

Социјалните мрежи овозможуваат слобода на луѓето да објавуваат лични слики, информации за личните интереси или ажурирање на нивната локација, што им дава на сторителите можност да прецизираат одредени аспекти од животот на една личност за да се исмеваат. Тоа што го прави Сајбер малтретирањето толку опасно е тоа што им дава можност на сторителите јавно да засрамат и вознемируваат кого сакаат преку различни видови на технологија. Брзо менливата природа на самите комуникациски апликации претставува голем предизвик на властите за евентуално идентификување и лоцирање на потенцијалните сторители.

Како еден од елементите на оваа појава е Сајбер следењето на социјалните мрежи кое е во пораст икако цел најчесто се малолетни лица и жени. Истото претставува начин за искористување на сајбер просторот од страна на напаѓачотсо следење и преземање лични податоци и слики, при што нема директна физичка закана врз жртвата, туку само се следат активностите на жртвата преку Интернет. Анонимноста на напаѓачот доаѓа од неговата интеракцијата во посебни групи за комуницирање составена од повеќе лица, кои најчесто меѓусебно не се познаваат, при што се намалува можноста за идентификација на лицата и го прави сајбер следењето потешко отколку физичкото следење.

Ваквите активности и закани не се далеку од реалноста во нашата земја. Односно, на почетокот на 2019 година, Република Северна Македонија ја потресе скандал кога тајниот групен разговор „Јавна соба“ на социјалната мрежа „Телеграм“ го привлече вниманието на јавноста. Разговорот, кој подоцна беше отстранет, беше преполн со лични податоци и приватни фотографии од малолетни лица и жени, сите споделени без нивна согласност. Неодамнешниот случај на повторно актуелизирање на „Јавна соба“ само покажа дека групата не згаснала, туку е активна повеќе од претходно. „Јавна соба“ на социјалната мрежа„Телеграм“, овозможи илјадници корисници на оваа група да споделуваат експлицитни содржини и лични податоци на невини жртвии на тој начин стана повик за зголемување на свесноста за безбедно користење на Интернет.Бидејќи станува збор за родово насилство врз жени и малолетни жртви, последиците можат да бидат сериозни, особено од психолошки и социјален аспект.

Еден од поголемите предизвици кои што произлегуваат од ваков тип на случаеви е што корисниците, особено младите, сакаат да ја зголемат својата привлечност на социјалните мрежи и притоа додаваат луѓе кои никогаш не ги сретнале во реалниот свет. Корисниците потоа ја губат контролата над приватноста со објавување на лични фотографии и интереси. Иако социјалните мрежи вклучуваат алатки за ограничување на видливоста на индивидуалните информации, не сите корисници се свесни за оваа заштита или не сакаат воопшто да ја искористат.

Справувањето со оваа негативна појава побарува посеопфатен пристап. Една од главните алатки за борба е зголемувањето на Сајбер свесноста кај сите граѓани. Сајбер свесноста е комбинација од знаење и преземање активности за да се заштитат информациите или личните податоци. Тоа може да се постигне преку воведувањето на обуката за сајбер свесност во процесот на образование, организација на различни едукативни настани од јавен карактер, семинари за размена на искуства, како и најразлични обуки за таргетирани ранливи категории на граѓани.

Посебен акцент треба да се стави на образованието и воспитувањето на децата. Наставната програма во училиштата треба да ги опфати сите аспекти на компјутерски криминали и со тоа да им овозможи знаења и вештини на помладите за навремено идентификување на потенцијалните закани. Свесноста за заканите во сајбер просторот треба да се подигне и кај родителите, сè со цел правилно воспитување на своите деца за работа на социјалните мрежи. Со еден збор, системот за образование и воспитување мора да ги покрие современите прашања што се однесуваатна компјутерскиот криминал.

Покрај зголемувањето на сајбер свесноста, друг начин на делување е воведување на построги законски регулативни мерки кои нема да навлегуваат во приватноста на граѓаните, а ќе овозможат побрзо и навремено откривање и отстранување на ваквите појави. Потребно е поголемо и навремено иницирање на акција против ваквите злосторства и соработка на наведените институции со одговорните лица на социјалните медиуми и сајберфорензичките лаборатории, сè со цел поефективно истражување и идентификување.

Понатаму, од голема помош за институциите и потенцијалните жртви би било поедноставното пријавување на проблемите преку Интернет, на веб портал. Ова може да го намали бројот на непријавени случаи како резултат на конзервативните размислувања,склоноста на родителите/старателите да не ги вклучуваат институциите во ваквите случаеви. Порталот исто така би се користел како база на податоци за потенцијални криминалци, што навистина може да помогне во спроведувањето на законите.

Поради навидум невидливоста и анонимноста на Интернет, сексуалното вознемирување преку Интернет стана сериозно прашање и потенцијална опасност. Не е решение да се избегнува Интернетот, напротив, потребни се повеќе информации за безбедност на Интернет и превенција, за да се подигне свеста како кај младите, така и кај возрасните корисници. Да се има знаење и вештини, за да им се помогне на жртвите на сајбер вознемирувањето, е неопходно во оваа нова ера.

Оваа статија е поддржана од страна на Фондацијата Метаморфозис и Techsoup. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Фондацијата Метаморфозис и Techsoup и C3I.

Напишете коментар