Краток преглед на регулативата на ЕУ во однос на онлајн дезинформации

 

Автор: Биљана Петропулос 

дипломиран правник со искуство во невладиниот сектор и член на C3I

Дезинформацијата предизвикува бројни штетни општествени последици, како на пример: нарушување на безбедноста; подривање на изборниот систем и процес; поттикнување недоверба во институциите; но, од правен аспект таа претставува директно нарушување на слободата на мислење и изразување – основно право втемелено во Повелбата за темелните права на Европската унија (Charter of Fundamental Rights of the European Union).  

Препознавајќи дека борбата против дезинформирањето треба да е сеопфатна и на повеќе нивоа, Европската Комисија на крајот на 2017 година воспостави Експертска група која ќе го истражи овој феномен и ќе ја советува на темата. Групата составена од 39 експерти – претставници на медиуми, онлајн платформи, граѓанско општество и научни институции, помогна во воспоставување на клучните критериуми на кои ќе се базира идниот Кодекс на однесување (Code of Practice on Desinformation). Истовремено, Комисијата започна сеопфатен процес на јавна консултација преку онлајн прашалници, структуриран дијалог со засегнатите страни, како и анкета на Евробарометар – со којa беа анкетирани 26.500,00 индивидуи од 28 земји – членки. Од работата на Експертската група произлезе Извештај (Report of the independent High level Group on fake news and online disinformation) според кој, дезинформацијата како феномен ја надминува рамката на “лажни вести”, и е дефинирана како “секоја форма на лажна, неточна, или, на информација која доведува во заблуда, креирана, прикажана или промовирана за намерно да предизвика јавна штета, или заради добивка”.

Како резултат на целокупниот процес, во 2018 година  е потпишан Кодекс на однесување во борбата против дезинформации (Code of Practice on Disinformation). Имено, претставници на онлајн платформи, најпопуларни социјални медиуми и рекламни агенции, своеволно го потпишаа Кодексот и за прв пат се подложија на сет од саморегулирачки стандарди во борба против дезинформирањето. Кодексот е насочен кон постигнување на целите утврдени во Комуникација на Комисијата од 26.04.2018 (The Communication “Tackling online disinformation: a European approach”). Тие цели имаат широк опфат – од транспарентност во политичкото рекламирање, до затворање на лажни профили/сметки и нивно демонетизирање во случај на дезинформации. Потписниците на Кодексот детално ги прикажаа своите планови во кои области ќе преземат мерки. Во тие мерки спаѓаат веќе споменатите за транспарентност при политичко рекламирање, но и едукација на пошироката јавност да алармира кога ќе наиде на дезинформации, да следи различни извори на информации, како и заложба на потписниците за промовирање на  истражувачката активност во однос на информирањето.

Понатаму, од Кодексот произлегоа обврски за базични, месечни и годишни извештаи од секој потписник. А поконкретно, во првата половина на 2019 година, Европската Комисија таргетирано го следеше спроведувањето на обврските на неколку потписници (Facebooк, Google, Twitter), особено со оглед на изборите за Европскиот Парламент таа година.

За време на пробниот период од 12 месеци, Комисијата ја оценуваше ефективноста на Кодексот. Во септември 2020 е објавена оценката за ефективноста од имплементирањето на Кодексот и е утврдено дека е корисен инструмент, но и дека има некои недостатоци кои треба да се корегираат. Ова особено се однесува на соодветно мониторирање, појасни процедури, како и посеопфатни и попрецизни заложби и обврски од страна на потписниците.

Неизбежниот импакт кој го има пандемијата со Ковид 19 врз информирањето, односно дезинформирањето, ги поттикна институциите на ЕУ да објават  Заедничка комуникација (Joint communication to the European Parliament, the European Council, the Council, the European Economic and Social Committee and the Committee of the Regions Tackling COVID-19 disinformation – Getting the facts right). Во неа се изложени мерките за понатамошна борба против дезинформирањето, преку подобрување на соработката и координацијата на земјите – членки, подобрување на постоечките механизми,  соработка со граѓанскиот сектор, формирање посебен оддел во рамките на Системот за брзо алармирање, и други мерки.

Преку Европскиот акциски план за демократија (European Democracy Action Plan) и Правилникот за дигитални услуги (Digital Services Act), Европската Комисија има за цел да го подобри Кодексот, формирајќи поцврста рамка на обврски и поголема отчетност за сите потписници.

Во меѓувреме, Комисијата се залага дека пролетта 2021 ќе објави прирачник со цел за подобрување на постоечкиот Кодекс на однесување.

Оваа статија е поддржана од страна на Фондацијата Метаморфозис и Techsoup. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Фондацијата Метаморфозис и Techsoup и C3I.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *